Европските преговарачи за скринингот во работна посета на земјава
Членовите на работната група ќе се сретнат со премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерот и главен преговарач Бојан Маричиќ, министерот за надворешни работи Бујар Османи, но и претставници на Министерствата и институции вклучени во таканаречениот „Кластер 1“ од преговорите за пристапување...

Почнува скрининг процесот за членство на Македонија во ЕУ. Пристигна групата дипломати задолжени за процесот за проширување. Ќе преговараат за нашето пристапување во Унијата.
Скринингот е резултат на отворањето на пристапните преговори на земјата што се случи во јули. Членовите на работната група ќе се сретнат со премиерот Димитар Ковачевски, со главниот преговарач вицепремиерот Бојан Маричиќ, министерот за надворешни работи Бујар Османи, но и претставници на министерствата и институции вклучени во таканаречениот „Кластер 1“ од преговорите за пристапување.
Во законодавниот дом ќе имаат и средба со спикерот Талат Џафери, а ќе присуствуваат на заедничката седница на националниот совет за евроинтеграции, и на собраниската комисија за европски прашања.
Делегатите од оваа работна група ќе разменат мислења и со претставници на граѓански организации.
Ова работно тело е на Советот на ЕУ, составено е од дипломати од сите земји-членки на Унијата. Задолжено е за процесот на проширување и односите со земјите кандидати кои преговараат за нивно пристапување во ЕУ.
