Македонија

„Македонисимо“ премиерно пред скопската публика

14.09.2022 10:28

Вечерва на платото пред Националната опера и балет со почеток во 20 часот Скопјани ќе можат да го проследат долгоочекуваниот концертен настап на Симон Трпчески и пријателите со интернационалниот музички проект „Македонисимо“...

Вечерва на платото пред Националната опера и балет со почеток во 20 часот Скопјани ќе можат да го проследат долгоочекуваниот концертен настап на Симон Трпчески и пријателите со интернационалниот музички проект „Македонисимо“.

Овој проект ја имаше својата светска премиера пред 5 години на престижниот музички фестивал во Лудвигсбург – Германија, по што почнува да ги освојува светските концертни сцени со музика родена на плодната македонска почва.

Задоен и инспириран од богатиот и уникатен македонски фолклор кој го следи низ целото негово образование, кај Симон Трпчески се раѓа идејата за еден ваков проект затоа што отсекогаш верувал дека потенцијалот што го има македонската народна музика ако се преточи во еден поинаков музички јазик, којшто првенствено доаѓа од класичниот музички свет може да се носи рамо до рамо и со самата класична музика на која е претставник тој.

Симон Трпчески и пријателите ќе го изведат албумот Македонисимо кој е во издание на британскиот „Лин Рекордс“. Во него на оригинален начин се обработува македонската народна музика од страна на нашиот композитор, Панде Шахов.

Во составот на „Македонисимо квинтетот“ и на оваа серија концерти покрај Симон Трпчески членуваат Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело; на кларинет, саксофон и на кавал Хидан Мамудов, а зад удиралките е Влатко Нушев.

Следните изведби се предвидени за во Штип на 25 септември и во Битола, ден потоа, на 26 септември.