Македонија

Уставниот суд ќе одлучува за „недела неработен ден“ кога ќе има кворум

14.09.2022 12:11

Уставниот суд реши да не одлучува за „недела неработен ден“. Нема кворум. На иницијативата ќе се навратат тогаш кога Собранието ќе го комплетира Уставниот суд со доволен број на судии…

Уставниот суд нема одговор за иницијативата поднесена од стопанската комора на Македонија, со која се оспорува законот за изменување и дополнување на законот за работните односи, којшто во својата содржина опфаќа „работа во недела“.

„Уставниот суд не донесе одлука во овој предмет поради недоволно мнозинство на гласови. Имено, ова е еден од 40-те предмети кои не поминаа на седница поради тоа што нема доволно судии. И уште еднаш, за жал, преку ваков значаен предмет за граѓаните се истакна потребата за пополнување на судиските места“, изјави портпаролката на Уставниот суд, Христина Беловска.

Во иницијативата се наведува дека ден на неделен одмор може да биде кој било друг ден во седмицата, дека е утврден и додаток на плата за работа во недела во износ од најмалку 50 насто за секој час поминат на работа, и од тие причини е дозволена нееднаквост на граѓаните пред законите.

Од Комората сметаат дека работодавците од економските дејности на кои им се забранува работа во недела, се ставени во нееднаква правна положба со работодавците од економските дејности на кои тоа им е дозволено.

Подносителот смета дека е нарушено начелото на владеење на правото и дека оспорениот закон е во спротивност со Уставот. Сојузот на синдикатите на Македонија го повикува Уставниот суд да ја отфрли иницијативата на Стопанската комора на Македонија.

Според ССМ, со иницијативата ќе се задре во веќе утврденото право на непрекинат неделен одмор што се состои од најмалку 24 часа, за период од седум дена, на илјадници работници во државата.

Катерина Топалова