Воен конфликт

Украина постигнува значителен напредок, Русија ќе се бори до последната цел

14.09.2022 12:16

Украинската војска враќа се поголем дел од територијата која ја презедоа руските сили. Москва не се откажува од воената операција, ќе се бори до последната цел. Продолжуваат и битките околу нуклеарната централа во Запорожје. Војната е тема и на меѓуверската конференција во Казахстан...

Украинската војска враќа се поголем дел од територијата која ја презедоа руските сили. Москва не се откажува од воената операција, ќе се бори до последната цел. Продолжуваат и битките околу нуклеарната централа во Запорожје. Војната е тема и на меѓуверската конференција во Казахстан.

„Во тек е стабилизација на ослободените области“, изјави украинскиот претседател Зеленски. Руските сили се повлекоа од стотици градови и населени места во североисточниот дел на земјата. Според Киев, Украина веќе контролира над 8.000 квадратни километри територија.

„Полесно е. Најважно е што нема опасност од небото.“

„Кога ракетираат, страшно е бидејќи ве болат ушите. Тешко е да се преживува ова.“

„Ова е апсолутен пресврт во војната бидејќи ги покажува мотивираноста и моќта на украинската војска и покрај тоа што Русија има повеќе оружје“, рече Хана Малиар, заменик, министер за одбрана на Украина.

„Пишувале на ѕидовите колку дена минале овде. Некој напишал 72 дена“, рече Сергиј Болвинов, шеф на истражниот оддел на полицијата.

Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана објави видео од хеликоптерски напад врз украински маринци кои сакале да ја преминат реката Дњепар за да стигнат до нуклеарната централа во Запорожје. Москва не гледа шанса за дијалог, а Кремљ предупреди дека воените активности нема да запрат додека не бидат остварени сите цели.

Конфликтот е тема и на меѓуверската конференција во Казахстан. Поглаварот на РПЦ ја поддржа и оправда инвазијата во Украина врз основа на спиритуална и идеолошка основа, нарекувајќи ја „метафизичка битка со Западот“. Патријархот Кирил го откажа учеството на конгресот уште минатиот месец, но неговата порака беше пренесена на настанот.

Маја С. Филдишев