Цената на медот расте поради зголемените трошоци
Годинава е добра за медопроизводството, но зголемените трошоци и највредниот и најсладок пчелин производ ќе го поскапат. Македонците ја знаат неговата вредност, но сè уште се користи за лек, наспроти во светот за храна, главно поради цената. Пчеларите се жалат на нелојална конкуренција...

Добра година за родот, лоша за трошоците при производството. Неминовно е зголемувањето на цената на најслаткиот пчелен производ, а битката со нелојалната конкуренција продолжува. Вакви се оценките на прилепските пчелари за моменталните состојби во медопроизводството.
Од инспекторатот се бараат контроли. Се увезува од Молдавија, се додаваат состојки. Посебно е проблематичен таканаречениот „пекарски“ мед. Мора да се разграничи декларирањето. Но, платежната немоќ на граѓаните го продава поевтиното.
Сè уште кај нас се купува мед за лек, а во светот за храна. Потрошувачката по 2-3 килограми од жител е многу мала. Не дека Македонците не ја знаат вредноста, туку им е скапо, заклучуваат пчеларите.
Според пресметките, во земјава има околу 315.000 пчелни семејства и секое носи од 8 до 10 килограми мед.
Елизабета Митреска
