Евроинтеграции

Маричиќ: Правиме чекор напред во евроинтеграциите, од КОВЕБ преминуваме во КОЕЛА

14.09.2022 13:41

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, денеска заедно со претседателот на Владата, Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, ја имаа првата средба со работното тело на Советот на ЕУ надлежно за земјите кои преговараат...

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, денеска заедно со претседателот на Владата, Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, ја имаа првата средба со работното тело на Советот на ЕУ надлежно за земјите кои преговараат.

-Во текот на последните подготовки, денеска се одржува првиот работен состанок со КОЕЛА пред утрешниот почеток на скрининг процесот. Одиме чекор напред во евроинтегративниот процес, од КОВЕБ преминуваме во КОЕЛА, со што се потврдува ЕУ перспективата и поддршката од сите земји членки на Унијата за нашата земја, рече на состанокот Маричиќ.

Вицепремиерот Маричиќ и главен преговарач во преговорите со Европската Унија ја искористи приликата и го изрази своето задоволство од брзиот трансфер во работното тело КОЕЛА, потенцирајќи дека постои подготвеност да имаат чести состаноци во наредниот период, додека Северна Македонија напредува во преговорите.

-Процесот на проширување оди напред, отворањето на пристапните преговори за Северна Македонија и Албанија треба да се сфати како позитивен сигнал и поттик за сите максимално да се посветиме и брзо да ги испорачаме реформите, додаде Маричиќ.

Маричиќ пред присутните делегати, претставници на земјите членки на Европската Унија во работното тело за проширување при Советот на ЕУ, направи ретроспектива на подготовките за почетокот на преговорите, во изминатиот месец, истакнувајќи дека во периодот кој следи ќе се засили партнерската соработка со Европската комисија и земјите-членки на ЕУ.

Свесни дека преговарачкиот процес е сложен и предизвикувачки, ние како и секогаш сме подготвени да работиме тесно и во партнерство со Комисијата и нејзините служби, како и со земјите-членки на ЕУ, за побрзо да го завршиме нашиот дел од работата.

На состанокот Маричиќ уште еднаш ја потврди заложбата на Владата овој процес да биде транспарентен и инклузивен, со вклучување и соработка со различни чинители како што се граѓанското општество, академската заедница и бизнис заедницата и сите други засегнати страни.