Лондон

Редици луѓе чекаат да оддадат почит на кралицата Елизабета

14.09.2022 14:07

Ковчегот со телото на кралицата Елизабета Втора е пренесен од Единбург во Бакингемската палата. Денеска почит ѝ се оддава во парламентот во Вестминстер каде што ќе остане четири дена. Погребот ќе се изврши в понеделник. Обединетото Кралство не покани делегации од Русија, Белорусија и Мјанмар.

Кралот Чарлс трети пристигна во Бакингемската палата, неколку часа пред ковчегот на кралицата Елизабета Втора да ја напушти палатата за последен пат. Пред Вестиминстерската сала, каде што беше крунисана пред седум децении, редици луѓе чекаат во поворката за да и оддадат почит на упокоената британска владетелка.

„Мојата цел е да оддадам почит за она што големата кралица го направила за Комонвелтот во светот и на меѓународно ниво-70 години неуморно го правеше тоа“, речи Ванеса Натакумаран.

„Ние сме вистински кралски обожаватели. Татко ми беше меѓу стражарите, обезбедување при крунисувањето на кралицата. Нејзиното упокојување е вистински настан“, рече Ен Дејли.

„Имам илјада емоции кога ќе ја видам. Таа беше ангел, бидејќи допираше до луѓето и направи многу добри работи“, рече Крис Имафидон.

Во операцијата со кодно име „лав“ ковчегот обвиткан во кралското знаме, ќе биде подигнат на платформа, додека Гренадирската гарда во Парламентот во Вестминстер аби ќе биде покрај кралицата во наредните четири денови. Круната и другите ознаки на сувереност, во согласност со традицијата, ќе бидат поставени на врвот на ковчегот. Државниот погреб и историското збогум на монархот кој владееше 70 години, ќе се одржи в понеделник. Се очекува присуство на петстотини шефови на држави и влади од светот, меѓу кои и претседателот на земјава, Стево Пендаровски со неговата сопруга. Обединетото Кралство не покани делегации од Русија, Белорусија и Мјанмар.

Бојана Крстевски