Состанок на мешовитата комисија за историја
Нова средба на македонско-бугарската историска комисија. Прва откако беа објавени заедничките препораки, коишто предизвикаа поделени реакции во јавноста…

Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања одржува нова, 23-та средба, овој пат во МНР во Скопје. Бугарските историчари пред почетокот на средбата не сакаа да кажат што ќе расправаат на овој состанок и дали на дневен ред ќе биде и Гоце Делчев.
Комисијата ќе продолжи во полн состав со новиот член на македонската страна, професорот од Институтот за национална историја Димитар Љоровски. Најверојатно по последната средба во август, историчарите треба да продолжат да разговараат за записниците од претходниот состанок, учебниците за седмо одделение за 10-ти и 11-ти век, и Гоце Делчев.
На претходната средба на 15-ти август, комисијата објави препораки за измени во македонските учебници по историја за шесто одделение и бугарските за петто одделение, и за заедничко чествување на свети Кирил и Методиј, Свети Наум и Климент и Цар Самуил.
Според претседавачот на македонскиот дел од комисијата, Драги Ѓоргиев, во учебниците се менуваат работи коишто можат да предизвикаат недоразбирање и нарушување на односите меѓу двете држави. Најтежок период за кој ќе расправаат историчарите е 19-ти и 20-ти век.
Иако работата на историската комисија е услов за преговорите, сепак не е обврска на комисијата да се усогласи за секој историски настан.
Ирина Гелевска
