Култура

Праисториски артефакти од Македонија на изложба во Њујорк

14.09.2022 14:48

По иницијатива на Филдовиот музеј од Чикаго, а по четиригодишна подготовка, идната среда во Њујорк се отвора досега најголемата изложба на балканската праисторија во археологијата, насловена како „Првите кралеви на Европа“. Македонските музеи учествуваат со 19 репрезентативни артефакти кои сведочат за периодот до појавата на првите кралства…

На досега најголемата изложба на балканската праисторија во историјата на археологијата-„Првите кралеви на Европа“, учествуваат 26 музеи од 11 земји. Нашите институции изложуваат 19 репрезентативни артефакти, кои сведочат за периодот на неолитот до железното време. Битолскиот завод и музеј го понуди „Каменот Скиптар“, односно глава изработена од камен на дрвена дршка и го симболизира достоинството и водечкиот статус на племенската заедница.

Не помалку репрезентативни се и артефактите пронајдени во систематските истражувања на некрополата во Милци, кои сведочат за погребувањата во железното време.

Координаторот на проектот, Гоце Наумов, на оваа двегодишна турнеја очекува изложбата да ја посетат над еден милион посетители, кои ќе имаат можност за прв пат да се запознаат со социјалните и религиските аспекти на праисториските заедници од Балканот.

Изложбата е резултат на иницијативата на Филдовиот Музеј од Чикаго, а поради пандемијата таа се подготвуваше близу четири години.

Стевче Митревски