Обвинетите изразија сочувство до семејството на ракометарот Тот, немале намера да го сторат кривичното дело
„Жалиме за настанот, не сакавме да се случи ова“ – рекоа обвинетите за убиството на ракометарот Денис Тот на продолжението на судското рочиште. Според нивните адвокати, овој кривично-правен настан не може да се квалификува како убиство бидејќи не постоела умисла. Таткото на жртвата бара да се дознае вистината и да има соодветни казни...

Таа вечер го видов Денис, со него бев на маса. Тој беше со тројцата обвинети и уште еден маж. Кога сакав да заминам со возилото ја видов обвинетата Клементина како удира во нешто. Изгледаше на човек, ама не ми се веруваше, сведочеше Рената Соколовска, еден од тројцата сведоци предложени од одбраната на денешното сослушување.
„Кога тргнав да си одам со колата, ја видов сега обвинетата Клементина како удира во нешто. Изгледаше како човек ама не ми се веруваше. Излегов од кола да видам и видов дека е човек. Кога видов дека е човек, нејзе ја тргнаа. Дојдов до Денис, ама тој не реагираше. После повикав брза помош. Во меѓувреме Андреј му даваше вештачко дишење на Тот“, рече Соколовска.
„Тој ден, кога се случи настанот нас животот ни запре. Дотогаш имавме совршен живот“, рече таткото на Денис, Игор Тот, кој на второто по ред судење беше испитан во својство на сведок. Се приклучи на обвинението и најави отштетно побарување за кое дополнително ќе го одреди.
„Постојано одиме на гробишта. По двапати на ден. Не ни е лесно. Очекуваме да се дознае вистината, да видиме што е и како е. Да видиме дали обвинетите се виновни соодветно и ако се виновни, да бидат казнети“, рече таткото на убиениот ракометар.
Тројцата обвинети изразија сочувство до семејството на Тот и рекоа дека немале намера да го сторат кривичното дело. Во воведните зборови одбраната посочи дека не се согласува со правната квалификација за кривичното дело, бидејќи немало умисла. Најавија дека во постапката ќе докажат дека ударите од обвинетите не биле причина за смртта на хрватскиот ракометар.
Обвинетите за убиството на првото рочиште пред Судечкиот совет во скопскиот Кривичен суд изјавија дека не се чувствуваат виновни за кривичното дело за кое се товарат.
Обвинетите се товарат дека на 7-ми април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, го лишиле од живот оштетениот Денис Тот.
Ана Јосифоска Тодоровска
