Се истражуваат причините за сообраќајната несреќа на Зеленски
Претседателот на Украина Зеленски синоќа доживеал сообраќајна несреќа, но без повреди. Видео од настанот се прошири по социјалните мрежи, а потоа и од неговиот кабинет ја потврдија веста. Во претседателскиот автомобил удрило патничко возило. Се истражуваат причините за сообраќајната несреќа...

Украинскиот претседател Зеленски преживеа сообраќајна несреќа во Киев и нема повреди. Неговиот портпарол Никифоров изјави дека неговиот автомобил бил удрен од друго возило. Во тек е истрага. Во посета на Киев, трет пат од почетокот на војната, е и претседателката на Еврокомисијата Фон дер Лајен. Битките не запираат на источниот и јужниот фронт, вооружени пресметки и во централниот дел на земјата. Во Криви Рих евакуација поради оштетени брана и водовод. Киев ја обвинува Москва за ракетирање.
„Вашите проектилни напади врз браната, врз градбите кои немаат никаква воена важност, всушност, нападите врз стотиците илјади цивили, сè уште една причина зошто Русија ќе изгуби. И не само оваа војна, туку и историјата“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Руската војска на заеднички вежби со кинеската морнарица во Пацификот. Претседателот Путин во посета на Узбекистан. Учествува на дводневниот самит на Шангајската организација за соработка. Агендата опфаќа средба со кинескиот колега Џинпинг. Кина и Русија се обидуваат да ја зајакнат соработката во повеќе сфери.
Во меѓувреме, американски сенатори прават напори да ја прогласат руската држава за „спонзор на тероризам“. Меѓу другото, со законската мерка се предвидува и зголемен економски притисок.
„Потребата за оваа мерка сега е повеќе од потребна. Не откриваме некаков подобар, понежен Путин со секоја негова наредна активност. Всушност, и во градовите каде што се повлече Русија е исто или слично со она што го видов во Буча и Киев со сенаторот Греам. Геноцид, воени злосторства, ужаси кои не можат да се опишат. Жени и деца убиени со врзани раце на грбот“, изјави Ричард Блументал.
„Путин го нарушува меѓународното право на секој чекор. Бомбардира цивили и се заканува дека ќе продолжи. Кој е вистинскиот одговор за него? Вистината. А тоа е дека неговиот режим се претворил во терористичка земја. Најдобрата порака е следнава: Купувате оружје од Иран, сакате оружје од Северна Кореја, се однесувате како терористичка организација, па така и ќе ве обележиме“, изјави Линдзи Греам.
САД веќе обезбедија околу 10,6 милијарди долари воена помош за Украина, вклучувајќи 19 пакети оружје директно земени од Министерството за одбрана од август лани.
Маја С. Филдишев
