Политика

Левица ќе поднесе нова иницијатива за референдум

15.09.2022 14:00

Доколку и оваа иницијатива биде одбиена од страна на претседателот на Собранието, Левица најавува целосна блокада на Собранието, за која има поддршка и од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ...

Левица ќе поднесе нова иницијатива за референдум за поништување на Договорот со Бугарија. Иако прашањето не е сè уште формулирано од правните тимови на партијата, како што најави пратеникот Борислав Крмов, тоа дефинитивно ќе биде со префиксот „против“ на тоа на што ќе се однесува како форма поставеното прашање за кое граѓаните ќе гласаат. Доколку и оваа иницијатива биде одбиена од страна на претседателот на Собранието, Левица најавува целосна блокада на Собранието, за која има поддршка и од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ.

За ВМРО-ДПМНЕ, одлуката на Џафери ја суспендираше основната надлежност на Уставниот суд, со цел власта да избега од референдум. Како што велат од партијата, антимакедонската СДС го натера Џафери спротивно на Законот за референдум да не дозволи негово одржување, и се стави над целиот парламентарен систем со тоа што барањето воопшто не го испрати до надлежните комисии.

Џафери по налог на Ковачевски влезе во правни гимнастики кои немаат реална правна подлога, туку чисто силеџиство, и насилно практицирање на власта со кршење на сите норми и начела на правото. Со политичка одлука е спречен највисокиот чин на демократијата – референдумот.

Од СДСМ со став дека иницијативата беше неуставна, дека раководството на ВМРО-ДПМНЕ го знаеле тоа и свесно манипулирале со народот.

Пратеникот Каевски упати апел до парламентарната опозиција да биде инклузивна, да престане со блокадите во Собранието и кочење на евроинтегративниот процес.

Марина С. Тонева