Почна првата фаза од преговорите со ЕУ
Македонија го почнува објаснувачкиот скрининг за првиот кластер. Потврда на ЕУ перспективата на Македонија и поддршката од земјите-членки. Вицепремиерот за евроинтеграции и главен преговарач со Европската унија, Маричиќ е во Брисел. Македонскиот тим е подготвен за отворањето на скринингот, порака од Маричиќ…

Во Брисел почна првата фаза од преговорите со ЕУ со објаснувачкиот скрининг за поглавјето 5, Јавни набавки. Од 15-ти до 27-ми септември се одвиваат состаноци за областите од кластерот поглавја „Фундаментални вредности“ во Брисел, а за поглавјето 18 статистика во Луксембург. Оваа фаза на дијагноза треба да заврши до ноември 2023-та. За отворање на поглавјата, сепак, ќе треба измени на Уставот.
Со почеток на скринингот навлегуваме подлабоко во процесот на реформи за усогласување со европското законодавство и усвојување на европските стандарди. Северна Македонија има основа да оди со добро темпо напред и со максимална посветеност да ја исполниме нашата стратешка цел-полноправно членство во ЕУ, истакна главниот преговарач со ЕУ, Маричиќ. За јавните набавки од поглавјето 5 реферираше до каде се усогласени со европските процедури.
„На почетокот на 2022 година, владата ја усвои стратегијата за подобрување на системот за јавни набавки за периодот 2022-2026 година, со акциски план за 2022 година за нејзино спроведување. Директивата за одбрана и безбедност 2009/81/ез е транспонирана во законот за јавни набавки во областа на одбраната и безбедноста, електронскиот систем за јавни набавки функционира ефикасно, а развојот на платформа за е-пазар, е-каталози и понатамошно подобрување на системот за обработка на жалбите за јавни набавки е во тек. Улогата и капацитетот на Државниот завод за ревизија во вршењето на ревизиите на јавните набавки се подобрени преку имплементацијата на новата програма за ревизија на јавните набавки што обезбедува ажурирани насоки и методолошки алатки за ревизорите“, рече Маричиќ.
Скринингот е во две фази, објаснувачки и билатерален. До 27-ми септември ќе се одвиваат објаснувачките состаноци за овој кластер, а во периодот од 11-ти ноември до 9-ти декември ќе следи билатералниот скрининг, кога ние ќе го презентираме степенот на усогласеност со правото на ЕУ. Потоа, Европската комисија подготвува извештај од скринингот со оценка за степенот на усогласеност, капацитетите и заклучоци и препораки.
Ирина Гелевска
