Охрид

Нема да се случи еколошка катастрофа поради неработење на колекторот

15.09.2022 14:22

Државата и Јавното претпријатие „Колекторски систем“ нема да дозволат поради неплатени сметки за струја колекторот да биде исклучен од електричната мрежа што ќе предизвика еколошка катастрофа на Охридското Езеро. Ова го тврдат од Јавното претпријатие при што потврдуваат дека имаат проблеми со плаќање на фактурите за електрична енергија, меѓутоа засега работат непречено и ја реализираат годишната програма...

Гласините дека колекторскиот систем ќе биде исклучен од електричната мрежа поради неплатени сметки што би предизвикало еколошка катастрофа на Охридското Езеро не се точни. Ова го велат од Јавното претпријатие „Колекторски систем“ при што уверуваат дека такво нешто нема да се случи, иако сметките за струја се седум пати повисоки во споредба со периодот пред енергетската криза, односно ако тогаш се плаќало 1,6 милиони денари месечно последната сметка изнесувала 9 милиони денари.

„Моменталната сметка за електрична енергија е повисока отколку вредноста којашто ние ја фактурираме на месечно ниво во двата града Охрид и Струга, но тоа не значи дека ние ќе дозволиме да се направи еколошка катастрофа, односно сите фекалии да влегуваат во Охридското Езеро. Не само што тековно ги одржуваме, ги решаваме проблемите туку решаваме и децениски проблеми коишто досега никој не презел ништо да ги санира и да ги реши“, изјави Владимир Алексијоски-директор на ЈП „Колекторски систем“.

Таков е примерот со пречистителната станица кај струшко Ложани која имаше решение за престанок со работа поради нефункционалноста, но по санацијата таа работи со 90 проценти од капацитетот. Токму на просторот на оваа станица се планира инсталирање на фотоволтаици со што ќе се надмине проблемот со високите цени на електричната енергија за што се водат преговори со ЕСМ.

„1,6 мегавати се во суштина целокупната наша месечна потреба за електрична енергија, но тоа не значи дека целата таа енергија ќе биде пренасочена за нас. И со половина од таа енергија да ја добиваме ние ќе можеме слободно да работиме“, рече Владимир Алексијоски-директор на ЈП „Колекторски систем“.

Голем проблем кој мора да се реши се дивите приклучоци на водоводните мрежи во Охрид и Струга бидејќи отпадните води потоа се испуштаат во колекторот. Доколку се најде решение тогаш и тие граѓани ќе плаќаат за одведувањето на водите низ системот што ќе овозможи поголем прилив на средства за плаќање на електричната енергија.

Сашо Нелоски