Македонија

Претседавањето со ОБСЕ е признание на успесите на државата

15.09.2022 14:56

Можноста Македонија да претседава со ОБСЕ идната година е признание на успесите кои ги постигна во своите стратегиски цели, во тежок регионален контекст. Тоа е обврска, но и привилегија која ќе ја покаже нашата вистинска слика пред светот, кои сме, кои се нашите вредности – мир, стабилност, владеење на правото, демократија и тоа преку дијалог и компромис, вели министерот за надворешни работи Османи, говорејќи за 30-годишното партнерство со ОБСЕ...

Можноста Македонија да претседава во 2023 година со ОБСЕ е признание на успесите на државата која ги постигна своите стратегиските цели преку уникатен модел на развој, во тежок регионален контекст. Тоа е обврска, но и привилегија која ќе ја покаже нашата вистинска слика пред светот, кои сме кои се нашите вредности – мир, стабилност, владеење на право, демократија и тоа преку дијалог и компромис, порача министерот за надворешни Османи на настанот „Македонија и ОБСЕ: 30 години партнерство“.

„Македонија е држава која ги постигна своите стратешки цели и еден уникатен модел на развој на државата и во тоа во тежок регионален контекст, во тешко соседство, во комплицирана внатрешна композиција. Таа денеска е уникатен модел на функционална мултиетничка демократија, пример за култура на компромис за помирување со соседите“, изјави Бујар Османи.

Фокусот да биде на нагласката на влијанието и придобивките кои работата на ОБСЕ ги има врз земјите членки и граѓаните, кои живет во нив, изјави амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ, Која, објавувајќи што тој им препорачал на властите во земјава за претстојното преземање на претседавањето во наредната година.

„ОБСЕ останува присутна и посветена на поддршката на граѓаните на Украина во овие екстремно предизвикувачки околности и ќе продолжи тоа да го прави. Се разбира, војната има дополнителни ефекти врз Европа и Евроазија. Операциите на ОБСЕ на терен внимателно ја следат ситуацијата и ја прилагодуваат својата работа во насока да продолжат да обезбедуваат поддршка за реалните потреби, со кои се соочуваат владите и заедниците секој ден“, изјави Клеменс Која.

За време на македонското претседавање, планирани се две конференции, првата во декември во Скопје и втората во Аман, Јордан.

Катерина Топалова