Македонија

Елемент ПР побара спогодбено прекинување на договорот со Град Скопје, ЗНМ ја поздрави одлуката

15.09.2022 16:38

Агенцијата „Елемент ПР“ достави известување до Град Скопје за спогодбено прекинување на договорот со Град Скопје. ЗНМ испрати соопштение во кое ја поздрави одлуката...

Агенцијата „Елемент ПР“ достави известување до Град Скопје за спогодбено прекинување на договорот со Град Скопје. На овој чекор се одлучивме по реакцијата на Здружението на новинари на Македонија коешто изрази сомнеж за оваа јавна набавка со објаснување дека на овој начин се прекршува мораториумот за огласување во медиуми донесен во 2018 година, наведено е во соопштението од агенцијата.

„Како агенција што секојдневно соработува со медиумите и новинарите, целосно го почитуваме новинарството, кодексот и принципите на работа. Дел од тимот на агенцијата се поранешни новинари што е дополнителна причина за почитување на новинарскиот етички код и стандарди и зачувување на нашиот кредибилитет. На повикот се јавивме бидејќи истиот тој повик во истата форма бил спроведуван и претходните две години од Град Скопје, а вакви слични повици има и од други државни институции. Верувавме дека со нашето знаење и експертиза можеме да придонесеме за поголема информираност на граѓаните и транспарентност во работата на градската администрација. Агенцијата Елемент ПР на пазарот опстојува 14 години и досега нашата работа е обележана со професионалност, принципиелност и отворена соработка. Без ниту една дамка во нашата работа, ќе продолжиме да создаваме дополнителна вредност за нашите клиенти и оние што секојдневно ни ја даваат својата доверба“, наведува агенцијата.

По ова, Здружението на новинарите на Македонија испрати соопштение во кое ја поздрави одлуката на агенцијата Елемент ПР за спогодбено прекинување на договорот со Град Скопје како општествено одговорен потег.

„Ова претставува позитивен пример кој треба да премине во пракса. Ги повикуваме и останатите маркетинг агенции кои на овој или сличен начин работат со општини или други државни институции да ја следат оваа пракса“, нагласуваат од ЗНМ.

ЗНМ потсетува дека на 10-ти септември на интернет страницата на Бирото за јавни набавки беше објавено дека Градот Скопје предвидува да инвестира речиси пет милиони денари за „Подготовка и имплементација на промоција на кампањи за посебни проекти за активностите на градот Скопје“ преку маркетинг агенција.

После објавата, ЗНМ реагираше со соопштение до јавноста бидејќи со ваквиот начин на финансирање на медиуми Градот Скопје го прекршува мораториумот за забрана на јавни кампањи во приватни медиуми и директно го прекршува членот 102 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за забрана за рекламирање, како и Одлуката на владата за забрана за рекламирање во традиционалните и онлајн медиуми од 2017-та година.