Евроинтеграции

Скринингот со ЕУ денеска продолжува во Луксембург

16.09.2022 08:08

Вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач, Бојан Маричиќ, во воведното обраќање на првиот скрининг состанок кажа дека преговорите ја прават и ја трансформираат државата на подобро.

Во Брисел вчера започна скрининг процесот за усогласување на законодавството со ЕУ со Северна Македонија и Албанија. До 27-ми септември ќе се одвиваат состаноци за областите и поглавјата од Кластерот Фундаментални вредности, кога Комисијата ќе го презентира новото законодавство за овие области. Сите состаноци се одржуваат во Брисел, освен за Поглавјето 18- Статистика што денеска ќе се одржи во Луксембург.

Вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач, Бојан Маричиќ, во воведното обраќање на првиот скрининг состанок кажа дека преговорите ја прават и ја трансформираат државата на подобро.

После 17 години чекање имаме историска шанса да обезбедиме европска иднина за граѓаните и Северна Македонија, рече вицепремиерот Маричиќ, додавајќи дека со почетокот на скринингот навлегуваме подлабоко во процесот на реформи, кои вклучуваат имплементација на европски регулативи и придонесуваат за европеизација на општеството и европско функционирање на државата.

Како што соопшти СЕП, Маричиќ пред претставниците на Европската комисија истакна дека Северна Македонија има основа за да оди со добро темпо напред и дека во овој момент сите се максимално фокусирани на секое поглавје и со максимална посветеност и оптимизам да ја исполниме нашата стратешка цел-полноправно членство во ЕУ.

Македонскиот тим, тука во Брисел, а и колегите кои не следат од Скопје се подготвени да ги слушнеме вашите искуства и совети за тоа како најдобро да се исполнат барањата на законодавството на ЕУ во областа на јавните набавки, поглавје кое е дел од Кластерот Темели, посочи Маричиќ.

Тој во своето обраќање на македонски јазик, се осврна и на досега постигнатото од страна на Северна Македонија во конкретното поглавје, Јавни набавки, посочувајќи дека правната рамка за јавните набавки е во голема мера усогласена со правото на ЕУ, односно дека Законот за јавни набавки е усогласен со Директивите за класични и комунални набавки (ЕУ/2014/24 и ЕУ/2014/25), како и со Директивата за правни лекови (2007/66/ЕЗ).

На почетокот на 2022 година, Владата ја усвои Стратегијата за подобрување на системот за јавни набавки за периодот 2022-2026 година, со Акционен план за 2022 година за нејзино спроведување. Директивата за одбрана и безбедност 2009/81/ЕЗ е транспонирана во Законот за јавни набавки во областа на одбраната и безбедноста, рече Маричиќ.

Вицепремиерот посочи дека активностите за воспоставување ефективни јавно-приватни партнерства се во тек и дека новиот Предлог-закон за јавно приватно партнерство е подготвен и истиот има за цел транспонирање на Директивата 2014/23/ЕУ за доделување договори за концесија, додавајќи дека Предлог-законот е во завршна фаза на усогласување и ќе биде доставен во владина процедура.

Електронскиот систем за јавни набавки функционира ефикасно, рече Маричиќ, а развојот на платформа за е-пазар, е-каталози и понатамошно подобрување на системот за обработка на жалбите за јавни набавки е во тек.

Улогата и капацитетот на Државниот завод за ревизија во вршењето на ревизиите на јавните набавки се подобрени преку имплементацијата на новата програма за ревизија на јавните набавки што обезбедува ажурирани насоки и методолошки алатки за ревизорите, објасни Маричиќ додавајќи дека законодавството во областа на правните лекови е во голема мера усогласено со правото на ЕУ.

До 27-ми септември ќе се одвиваат објаснувачките состаноци за овој Кластер, а во периодот од 11-ти ноември до 9-ти декември ќе следи билатералниот скрининг, кога ние ќе го презентираме степенот на усогласеност со правото на ЕУ, институционалната поставеност за спроведување на усогласените закони, и плановите за понатамошно усогласување, градење на институционалните и административните капацитети, како и потребните човечки, финансиски и ИТ ресурси за спроведување на европските стандарди. После тоа Европската комисија подготвува извештај од скринингот кој меѓу другото содржи и наоди и оценка на Комисијата за степенот на усогласеност, капацитетите и заклучоци и препораки, соопштуваат од Секретаријат за европски прашања.