Македонија

Петиција за решавање на проблемот со бездомните кучиња во Кичево

16.09.2022 10:10

Алармантна состојбата со бездомните кучиња во Кичево. Годинава регистрирани се 132 напади од кучиња. Две средношколки од кичевската гимназија започнаа петиција, која ќе ја поднесат до Советот на општината за згрижување и хуман третман на животните, но и заштита на граѓаните.

И натаму се провлекува проблемот со бездомните кучиња во југозападниот регион во земјава. Најалармантна е состојбата во Кичево. Само годинава регистрирани се 132 напади од кучиња скитници, или секој втор ден има нападнат жител на кичевско.

Минатата година евидентирани се вкупно 237 жртви на агресивни кучиња. Голем е бројот и на поднесени тужби до општината.

„Согласно законот за облигациски односи граѓаните имаат право да бараат оштета од општините и согласно тоа редно е да се апелира општините да се заангажираат, особено општина Кичево да се заангажира повеќе околу згрижувањето на кучињата скитници, хуман третман за нив и се разбира заштита на граѓаните“, вели портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Две средношколки од кичевската гимназија започнаа петиција, која ќе ја поднесат до Советот на општината за згрижување и хуман третман на животните, но и заштита на граѓаните.

„Нашата цел со оваа петиција е граѓаните и животните да имаат подобри услови. Граѓаните да може слободно да шетаат и да ги извршуваат своите обврски, а животните да имаат засолниште храна и вода“, вели Марија Гаврилоска, иницијатор на петиција.

„И ние самите сме напаѓани секојдневно од кучињата и бројот на граѓани кои се нападнати и каснати од кучињата е секојдневно се поголем и поголем. Ние мислиме дека ќе успееме со оваа петиција бидејќи сме решителни да најдеме решение за овој проблем“, додава Мартина Стојковска, иницијатор на петиција.

Не е подобра состојбата и во општина Струга, каде годинава заклучно со август регистрирани се 15 напади од бездомни кучиња. И двете општини немаат стационар ниту издвоени финансии за хуман третман на бездомните животни.

Соња Рилковска