Украина

Глобалната безбедност зависи од заштитата на Украина

16.09.2022 11:50

„Како одговор, ние мора да покажеме дека секогаш ќе има остра и принципиелна реакција на секоја манифестација на руски терор. Заштитата на Украина од руски ракети е навистина основен елемент на глобалната безбедност“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски...

Русија употребила повеќе од 3.800 проектили против Украина, тврди претседателот Зеленски. Според него, глобалната безбедност зависи од заштитата на Украина од руски ракети и дека само поддршката со оружје, муниција и финансии ќе донесе крај на војната.

„Како одговор, ние мора да покажеме дека секогаш ќе има остра и принципиелна реакција на секоја манифестација на руски терор. Заштитата на Украина од руски ракети е навистина основен елемент на глобалната безбедност“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Претходно во североисточниот украински град Изјум украинските власти пронајдоа масовна гробница со повеќе од 440 тела. Дел од луѓето биле убиени во воздушни напади. Овој град беше окупиран од руските сили се до изминатиот викенд, кога мораа да го напуштат во налетот на украинската офанзива.

„Овие крстови се цивилите кои загинаа. Тие се закопани овде. Ние сигурно ќе направиме ДНК експертиза“, рече Олег Котенко, комесар за прашања на исчезнати лица под посебни околности.

Белата куќа најави дополнителна воена помош од 600 милиони долари за Украина. Меѓудругото, САД воведоа нови санкции против повеќе од 30 руски субјекти, соопшти американското Министерство за финансии. На листата е и чеченскиот лидер Рамзан Кадиров и неговото потесно семејство. Руското Министерство за надворешни работи вчера соопшти дека ако САД се одлучи да и испорача на Украина ракети со долг дострел ќе ја премине „црвената линија“ и ќе стане соучесник во судирот.

Маријана Димовска