Во Охрид ќе се градат фотоволтаични електрани
Со носењето на законот за енергетика пред три години се овозможи во државата физички и правни лица да можат да учествуваат на пазарот за енергетика по што се изградија околу двеста фотоволтаични електрани. За разлика од другите градови инвеститорите не беа заинтересирани за вложувања во Охрид поради планот за управување со културното и природното наследство на УНЕСКО со кој урбанизацијата на просторот вон опфат на урбанистички план е ограничена на четириесет проценти од вкупната парцела. Поради тоа охридските советници донесоа одлука со која инвестициите во фотоволтаичните електрани се изземаат од тој план...

Странски и домашни инвеститори се откажуваат од намерата да градат фотоволтаични електрани на територијата на општина Охрид поради ограничувањата поставени од УНЕСКО со Планот за управување со културното и природното наследство во охридскиот регион. Според него урбанизацијата на простор вон опфат на урбанистички план е ограничена на 40 проценти од искористеноста на целата парцела и инвестицијата станува неисплатлива. Поради тоа деновиве охридските советници изгласаа одлука со која од планот се изземаат парцели каде што ќе се градат фотоволтаични електрани.
„Се јавуваат за информација дали за 10 хектари ќе се применува Планот за УНЕСКО. Тоа значи ако инвеститорот купи 100 илјади метри квадратни само на 40 илјади може да постави фотонапонски панели, на 60 илјади не може ништо, тука останува, тука замрзнува. Тука економската исплатливост инвеститорите не ја гледаат“, рече Богдан Настески Герман, сектор за урбанизам општина Охрид.
Фотоволтаици на крововите не можат да постават и граѓаните кои живеат во старото градско јадро на Охрид, бидејќи УНЕСКО не дозволува да се наруши панорамата на градот. Сепак градоначалникот смета дека и за тоа има решение.
„Го нарушува изгледот на куќите во стариот дел на градот, тука е проблемот, а охридската архитектура е сама по себе уникатна, а тука е и проблемот. Меѓутоа како што кажав тие ќе имаат можност да поставуваат ќерамиди фотоволтаици коишто се со боја соодветна на кровот, така што веројатно е поскапа инвестиција, меѓутоа тоа е нешто што ќе дојде време да го разговараме“, рече Кирил Пецаков-градоначалник на Охрид.
Што се однесува до одлуката на Советот за изградба на фотоволтаични електрани во охридскиот регион што ќе се регулира со Законот за урбанистичко планирање, треба да се знае дека сепак последниот збор ќе го има Националната комисија за УНЕСКО која го разгледува секој предмет поединечно покрај другите институции.
Сашо Нелоски
