Евроинтеграции

Продолжува скринингот, македонските статистички податоци ќе се префрлаат во Евростат

16.09.2022 12:39

Продолжува европскиот скрининг на македонското законодавство. Вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач со Брисел, Маричиќ во Луксембург за поглавјето-статистика, посочи дека националното законодавство е усогласено со европското преку соработката со Евростат. Тој пред работната група за проширување рече и дека Македонија конечно по две децении успеала да спроведе попис на населението-податоци кои во наредниот период ќе се пренесуваат во Европскиот статистички систем …

Македонските статистички податоци ќе се префрлаат во Европскиот статистички систем. Тие се важен дел од преговарачкиот процес, бидејќи со нив ќе покажеме како се спроведува усогласеното законодавство-оцени во Луксембург вицепремиерот и главен преговарач Маричиќ, на вториот ден од објаснувачкиот скрининг посветен на поглавјето Статистика.

Македонија има постигнато одредено ниво на усогласеност, што е потврдено и во Извештаите, дополнувајќи и дека по две децении државава спроведе успешен попис на населението, според стандардите на Евростат.

„Нашиот Државен завод за статистика континуирано работи на спроведување на принципите на Кодексот на практика на европската статистика, периодично проверувајќи го статусот на усогласеност преку самопроценка. Дополнително важно достигнување на кое Државниот завод за статистика активно работеше во текот на годинава е Програмата за статистички истражувања 2023-2027 што е во завршна фаза, а се однесува, на зајакнување на статистичкиот систем во земјава со вклучување на повеќе институции кои работат со релевантни статистички податоци“, истакна вицепремиерот Маричиќ.

Според Маричиќ, предност е што по повеќе од 25 години во земјава ја соодветната статистичка легислатива е пренесена во националното законодавство, работејќи со Комисијата и Евростат.

Марина Стојанова-Тонева