Тренчевска: Похрабро и одлучно да застанеме против насилството
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска учествуваше на регионалната конференција за борба против насилство врз жените во политиката, во организација на НДИ Северна Македонија во соработка со регионалната програма на НДИ за интегритет на политичките партии, a со поддршка на Европската мрежа на политички фондации, Меѓународниот центар Олоф Палем и Европскиот едукативен центар...
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска учествуваше на регионалната конференција за борба против насилство врз жените во политиката, во организација на НДИ Северна Македонија во соработка со регионалната програма на НДИ за интегритет на политичките партии, a со поддршка на Европската мрежа на политички фондации, Меѓународниот центар Олоф Палем и Европскиот едукативен центар.
Министерката Тренчевска во своето обраќање ја посочи родовата еднаквост како исклучително актуелна тема во секојдневниот живот, со посебен акцент на прашањето за учеството на жените во политиката.
„Република Северна Македонија има одлични резултати кога станува збор за застапеноста на жените во политичките партии, но и процентот на застапеност на жените во Парламентот и во Советите на единиците на локалната самоуправа. Но, не може да се пофалиме со застапеноста на жените како градоначалнички и учеството на жените во извршната власт. Ова е еден предизвик исправен пред сите нас, каде заеднички мора да дејствуваме за да ги промениме состојбите“, рече Тренчевска.
Таа посочи дека зголемувањето на учеството на жените во законодавната и извршната власт има големо влијание за зајакнување на позицијата на жените во сите области на општественото живеење. Но, истовремено и соочување со сè поголемо присуство на насилство и говор на омраза кон жените во политиката.
„Насилството врз жените не препознава политичка партија, етничка припадност, верска определба, место на живеење, образовен и социјален статус, рурална или градска средина. Ова навистина сензитивно прашање ги обединува сите жени кои се занимаваат со политика на кое било ниво, од локално и централно ниво, женски форуми, пратенички, министерки. И токму позицијата да се биде во политиката е можност да се влијае, да се сменат работите во општеството. Тоа можеме само ако сите ние зборуваме гласно, одлучно и во секоја прилика работите ги кажуваме отворено. Затоа што молкот го охрабрува насилникот, да продолжи уште позасилено да применува насилство во сите негови форми, „истакна Тренчевска.
