ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поддржи иницијативата на Левица
ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поддржи иницијативата на Левица. Нема по никоја цена поддршка за промена на Уставот-вели лидерот на опозицијата, Мицкоски. Додава-идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе седне со Софија за да се смени постојниот Договор за добрососедство. Поради тешката економска состојба, Мицкоски не исклучува и немири…

Нема причина да не ја поддржиме иницијативата на Левица бидејќи темата е иста-вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Изворот на проблемите го гледа во Договорот со Бугарија и обидот како што вели, преку него и со менувањето на Уставот да се асимилира македонскиот народ. Уште еднаш потврди дека нема поддршка за уставните измени. Мицкоски смета дека треба да направиме подобар договор со кои ќе се зближат македонскиот и бугарскиот народ.
Левица до Обвинителството поднесе кривична пријава против претседателот на Собранието Џафери, бидејќи своеволно и спротивно на Уставот, законот и деловникот го оневозможил спроведувањето на граѓанската иницијатива на државно ниво за собирање 150 илјади потписи за распишување задолжителен референдум за Законот за ратификација на Договорот со Бугарија.
Според Левица, Џафери, намерно и со умисла, сторил тешко кривично дело против изборниот систем-спречување на избори и гласање. Ваквото дело според Кривичниот законик е казниво со минимум три години затвор.
Миле Ристески
