Интерес за поставување фотоволтаични централи
Енергетската криза, високите цени на сметките за електрична енергија, ја принудија бизнис заедницата да бара алтернативни начини на загревање и искористување на обновливите извори. Во Општина Куманово почната е постапка за поставување фотоволтаични централи. Доколку претходните години имало од едно до две барања годишно, сега пристигнуваат во просек толку барања на неделно ниво...

Сè уште е голем интересот кај приватните инвеститори за вложување во фотоволтаици, како еден од начините за производство на енергија од обновливи извори. Во Општина Куманово по најавите за енергетската криза, регистрирани се поголем број барања за поставување фотоволтаици. Досега веќе се издадени 20-ина дозволи. Интерес засега има само кај бизнис заедницата. Од Секторот за урбанизам информираат дека почната е постапка и за неколку фотоволтаични централи. За две кои се наоѓаат во опфатот на село Речица и Табановце, одобрена е планската програма. Едната има јачина од 10 мегавати, а втората три мегавати.
-Иницирана е постапка за добивање на простор од Агенцијата за просторно планирање за уште две централи, едната е вон плански опфат на село Биљановце, втората вон градежен реон на Куманово. И двете се со јачина од 10 мегавати – истакна Емилија Сларидис Јаневска, раководителка на Сектор за урбанизам, Општина Куманово.
И за јавните установи и приватните лица постапката е иста, потребно е да се аплицира во системот е градежни дозволи.
-Ние сè уште добиваме барање во системот за градежни дозволи, бидејќи она што беше најавено од Владата и изгласано на седница, сè уште не е донесен измена на Законот за градење, со кој ќе се поедностави постапката за поставување на фотоволтаични панели на објекти, така што сите индустриски капацитети коишто имаат високи сметки за електрична енергија, се обраќаат кај нас во системот и аплицираат. Постапката трае од 15 до 20 дена, доколку е комплетна документацијата-дополни таа.
Локално економскиот социјален совет при Општина Куманово изминатиот период организираше низа настани за бизнис заедницата, и претставници на установи на кој ги промовираше придобивките од инсталирање фотоволтаици.
Елена Георгиевска
