Македонија

Поскапувањата го истенчија џебот на граѓаните

17.09.2022 13:04

На пазарите повеќе го нема вообичаениот метеж. Потрошувачката намалена, пазарџиите велат цените не се многу поскапени, но граѓаните во грч се купува само неопходното, заработувачката е мала. И додека државата токми нов пакет мерки, инфлацијата расте...

Цените до плафон, граѓаните во грч. На пазарите, купувачите се бројат на прсти. Оние кои мораат да го одврзат ќесето мерат и премеруваат, се купува само неопходното. Граѓаните тешко се справуваат со инфлацијата, велат кризата удри по џебот, а најтешко е за оние со ниски месечни примања.

Според пазарџиите, земјоделските производи не се многу поскапени, ако се има предвид дека наесен секогаш има повисоки цени поради преработката на зеленчукот и овошјето. И тие се жалат дека годинава работат со минимална заработувачка.

И додека Владата го токму новиот пакет мерки за помош, веќе има најава за повисоки цени и на дел од млечните производи. Статистика измери инфлација од 16,8 проценти во август годинава споредно со истиот период лани. Според пресметките на Сојузот на синдикатите на Македонија за минималната кошница, за едно четиричлено семејство да го истурка месецот му се потребни над 48 илјади денари.

Анита Никушева – Јованчев