Здружение на стоматолози

Зголемување на капитацискиот бод не е решение

17.09.2022 13:28

Протестите на стоматолозите и матичните лекари беше поттик Владата да го задолжи Фондот за здравство во наредните два месеци да направи ревизија на барањата на лекарите. Се планира зголемување на капитацискиот бод 75 денари за матичните, 61 денар за стоматолозите. Стоматолозите бараат системско решение, велат ова нема да им ги реши проблемите...

Зголемување на капитацискиот бод не е решение и не ги адресира проблемите во примарната стоматологија, реагираат од Здружението на приватни здравствени установи и приватни доктори по дентална медицина. Велат, ова ќе направи голем јаз помеѓу оние матични стоматолози кои имаат многу пациенти и оние коишто се во малите места, а кои со зголемување на бодот би добиле незначителни средства. Од Здружението бараат системско решение, бидејќи сега стоматолози со 35 години стаж земаат 35 илјади денари со кои треба да ги покријат сите трошоци и минимални плати на доктор и сестра, за што им се потребни минимум 55 илјади.

Тие велат дека не се вклучени во работната група со која се кројат решенијата.

Од Министерство за здравство не ни одговорија до каде се преговорите со стоматолозите и дали се вклучени претставници на ова здружение. Од Фондот за здравство, пак, информираат дека по укажување на Владата е почната ревизија за барањата на избраните лекари и во рок од 60 дена ќе се изготви анализи за сите прашања, вклучително и за начинот на плаќање на избраните лекари како и на капитацискиот бод со приоритет за ранлива категорија на избрани лекари, млади, нови лекари или за оние лекари од региони со недоволен број пациенти заради демографски причини.

Наташа Ј. Менковски