Владата вештачки да не го зголемува процентот на Албанците во државната администрација, туку да го укине балансерот
Партијата на Трајанов повика Владата да го отфрли предлогот за менување на балансерот за вработување на нерезидентното население во државната служба...

Владата да не го зголемува вештачки процентот на Албанци во државната администрација и да го укине балансерот-побара Демократскиот сојуз, кој е коалициски партнер во власта. Партијата на Трајанов повика Владата да го отфрли предлогот за менување на балансерот за вработување на нерезидентното население во државната служба.
„Ова решение значи дека секој трет вработен во државната администрација во иднина треба да биде Албанец, што не одговара на процентот на албанците кои живеат во Македонија (24,3 отсто) и битно ќе ја наруши етничката слика во државната администрација на штета на другите заедници“, велат од Демократски сојуз.
И додека Демократскиот сојуз констатира дека етничкиот балансер ги дискриминира способните и квалификуваните кандидати за работа во државната администрација за сметка на нивната етничка припадност, и ВМРО-ДПМНЕ побара балансерот да се напушти, бидејќи сериозно го нарушува системот на квалитет во администрацијата.
Во услови кога партиите ја повикуваат Владата да почне сериозна реформа на државната администрација и намалување од 30 отсто на бројот на прекумерно вработените по партиска или етничка линија – министерот за информатичко општество и администрација побарал од државните институции да имаат најмалку 31,4 проценти вработени Албанци. До процентот стигнал откако решил во пресметката да ги стави и Албанците од дијаспората, но и плус два проценти од оние кои не се попишале ги пресметал за етнички Албанци. Од Владата потврдуваат дека балансерот треба да се измени, а препорачаните проценти на нови вработувања да се намалат за 7,2 отсто.
Миле Ристески
