НБА Лига, плеј-оф, четвртфинале по конференции

Мајами и Сан Антонио очекувано, брејк на Вашингтон и на Портланд

21.04.2014 14:20

Втората ноќ од почетокот на плеј-офот во кошаркарската НБА Лига ...

...донесе вредни гостински победи на Портланд и на Вашингтон во Чикаго и во Хјустон и очекувани домашни успеси на Мајами и на Сан Антонио против Шарлот, односно против Далас.

Мајами Хит – Шарлот Бобкетс  99-88 (1-0)

Шампионот Мајами со рутинирано издание триумфално ја почна серијата против Шарлот. „Жешките“ славеа со 99-88 во мечот во којшто разликата ја направија кон крајот на третиот и на почетокот на четвгртиот период.

Леброн Џејмс го прејде Лери Бирд на осмата позиција на вечната листа стрелци во НБА-разигрувањата. Постигна 27 поени, оствари и девет скокови, а имаше стандардна поддршка од Двејн Вејд со 23 коша и пет асистенции. Најдобриот играч на Бобкетс АЛ Џеферсон поради проблеми со стапалото застана на 18 поени и десет скокови.

Чикаго Булс – Вашингтон Визардс  93-102  (0-1)

Откако шест години чекаше настап во плеј-офот, Вашингтон отвори ноќеска со радост на теренот на Чикаго од 102-93. Нене Хиларио беше најзаслужен за успехот на Визардс со 24 поени и со осум скокови. Тревор Ариза забележа ефект од 18 коша и седум скокови, а Џон Вол имаше 16 коша и по шест скокови и асистенции. За Чикаго 16 поени постигна Кирк Хајнрих.

Хјустон Рокитс – Портланд Трејл Блејзерс  120-122 продолжение (0-1)

Иако Хјустон имаше водство од 11 поени на четири минути пред крајот, првиот тексашки двобој со Портланд траеше дополнителни пет минути и заврши со гостинска радост на Трејл Блејзерс. Импресивна вечер имаше Ла Маркус Олдриџ, којшто безмилосно го полнеше на Хјустон и ја заврши средбата со 46 поени и 18 скокови.

Демијан Лилард придонесе со 31 поени, девет скокови и пет асистенции. Премалку за успех на Рокитс беа натпросечните изданија на Двајт Хауард и на Џејмс Харден, коишто уфрлија по 27 коша. Хауард имаше и 15 скокови, Харден шест асистенции.

Сан Антонио Спарс – Далас Маверикс  90-85 (1-0)

Сан Антонио очекувано го доби уводниот дуел со Далас, иако Маверикс беа и повеќе од достоен ривал, којшто наспроти сите неповолни прогнози беше блиску и до изненадување. Резултатски Далас беше во игра се до финишот, дури имаше и водство од десет разлика на седум минути пред крајот, но немаше сили да го задржи. Тим Данкан, Ману Џинобили и Тони Паркер покажаа ниво кога беше најпотребно и иницираа серија од 15-0 којашто го реши мечот.

Данкан заврши со 27 поени и седум скокови, Паркер со 21 кош и шест асистенции, а Џинобили со 17 поени и шест скокови. Маверикс ги предводеше Девин Херис со 19 коша, додека Дирк Новицки и Монта Елис постигнаа само по 11 поени.