Градот на златниот параолимпиец, без стрелиште
Општина Куманово низа години е без стрелиште. Градот го има златниот параолимпиец Бранимир Јовановски кој сака, но нема услови своето знаење да продолжи да го пренесува на помладите. Со некогашното стрелиште во Куманово управуваа приватни лица. На крајот на 2019-та година, заедно со уште неколку спортски објекти, речиси целосно уништени, се вратија во владение на Општина Куманово...

Градот на златниот параолимпиец, низа години е без спортски терен за стрелаштво. Бранимир Јовановски кој пред 30 години земјата ја израдува со првиот златен медал од параолимпијадата во Барселона, а освои и над 50 медали од меѓународни натпревари, сака но нема можност своето знаење да го пренесе на дечињата во Куманово. Со некогашното стрелиште низа години управуваа приватни лица. На крајот на октомври во 2019-та година стрелиштето, заедно со уште неколку спортски објекти, речиси целосно уништени, се вратија во владение на Општина Куманово.
-Услови во стрелаштво скоро и да нема. Во нашата држава има само три малокалибарски стрелишта од кои едно е во функција, во класична функција тоа е стрелиштето во Охрид, во Скопје дадено е под концесија, одиме тренираме, не живее онака како што би требало, скапа е опремата, клубовите немаат доволно средства-нагласува Јовановски.
Својата успешна кариера Јовановски ја продолжи со уште подобри резултати како селектор на македонската репрезентација во стрелаштво за лица со попреченост. Вели со Оливера Наковска Бикова ја остварив целта како тренер, ученикот ме надмина.
- Јас искрено се надевам дека овде во Куманово конечно ќе успееме да се договориме да добијам некаков простор, останало уште некоја година кога можам да бидам активен за да ги пренесам своите знаења и некое кумановче да доведеме до сериозна титула. Знаете Куманово е град на олимпијци-вели тој.
За своите постигнувања во 20-годишната спортска кариера, одличните резултати како тренер и придонесот за меѓународна афирмација на државата, Јовановски по повод Денот на независноста, беше одликуван со орденот „8-ми Септември“ којшто го доделува претседателот Стево Пендаровски.
Елена Георгиевска
