Кризата го одложи стартот на изградбата на дом за стари лица
Според програмата на Министерството за труд и социјална политика годинава требаше да почне изградбата на домот за стари лица во Кочани. Но проектот е стопиран заради несогласување на локалната и централната власт за капацитетот на домот, кој требаше да биде најголемиот и најмодерен дом за стари во државата...

Со 156 легла и користење на кочанската термална вода, Кочани ќе го има најголемиот дом за стари и изнемоштени лица во Македонија. Ова беше планот на Министерството за труд и социјална политика од пред седум години. Од планот до сега има само неколку пати коригиран проект, за кој конечната одлука е дека заради кризата, иако домот бил предвиден за изградба од оваа година, средствата не можат да се искористат. Одлуката на Министерството следува откако Општина Кочани и Здружението на пензионерите одбија да извршат корекција на проектот и да го намалат капацитетот на домот за само 50 лица. Општина Кочани инсистира на реализација на првичниот проект, а согласни се и кочанчани.
Според Министерството, економската криза ја наметнува потребата од рационализација на проектот, но од друга страна се поизразена е потребата од домови за стари лица
Во источниот регион државен дом за стари има само во Берово за четириесеттина станари. Во изградба е дом за стари и во Пробиштип за 54 лица.
Славица Величковска
