Во регионот се вакцинира против Омикрон
Со бустер доза што штити и од Омикрон сојот, почна имунизацијата на децата над 12 години и возрасните со коморбидитети во Хрватска, Словенија и Грција. Кај нас нема информации кога ќе стигнат овие вакцини. „По прележана корона да поминат најмалку 30 дена за да се вакцинираат граѓаните за заштита од вирусот и сезонскиот грип“-порачуваат лекарите...

Хрватска, Словенија и Грција деновиве почнаа со имунизација со вакцини против Ковид-19 кои штитат од оригиналниот сој од Вухан, но ја покриваат и варијантата Омикрон. Тие се користат како бустер доза за оние кои се веќе вакцинирани. Според тамошните власти, прво ќе се боцкаат повозрасните и оние со коморбидитети, како и деца над 12 години.
Во пунктовите во Македонија сè уште се вакцинира, но со постоечките вакцини. Лекарите велат, за бустер доза во текот на денот може да помине по некој повозрасен пациент, ако е млад, веднаш знаеме дека ќе се вакцинира за да патува. Од Министерството за здравство не добивме одговор дали и кога во земјава ќе стигнат вакцини против Омикрон варијантата, како и кога ќе пристигнат вакцините против сезонски грип. За неколку недели, највозрасните би требало да се имунизираат против сезонски грип. Лекарите советуваат ако здравјето им било влошено да почекаат малку.
„По прележување на корона се препорачува минимум 30 дена, тие што имаат лесна форма не е никаков проблем после месец дена. Ако прележале потешка форма на болест два до три месеци“, рече Д-р Рејхан Ибрахими.
Досега Македонија нарачувала по 40 илјади вакцини против сезонски грип и тие биле наменети за повозрасните пациенти и оние со кревко здравје.
Според искуството од претходните години, лекарите препорачуваат вакцина против Ковид и сезонски грип може да се примат ист ден или ако некој е имунизиран против Ковид до имунизација со против сезонски грип да почека еден месец.
Наташа Ј. Менковски
