Институции мета на хакерски напади
Македонски институции се борат со хакерски напади. На удар и Министерства. Во дигиталната ера, ова е атак врз државата, предупредуваат комуниколози. Порачуваат повеќе да се работи на сајбер-безбедноста и да се ангажираат најдобрите експерти за заштита...

Реклама за спортски патики на интернет страница на институции. Хакери овозможиле продажба на производи. Неодамна хакирана и страницата на Министерството за образование. Во дигитална ера, нападот врз официјалните интернет страници се напад врз државата, вели комуникологот Бојан Кордалов и укажува на опасностите.
„Најголем дел од информациите денеска коишто се добиваат за тековно работење, пристигнуваат брзо преку онлајн медиумите, особено преку интернет страниците. Втора работа која мораме постојано да се потсетуваме е дека официјалните, кредибилните информации коишто ги даваат институциите ги проверуваме, кога станува збор за онлајн вест токму на нивните веб страни и трета работа, онеспособување на канал за комуникација значи пречка во функционирањето на една институција, со самото тоа и на самата држава“, изјави Бојан Кордалов, комуниколог.
Последиците можат да бидат кражба на лични податоци, датабази, односно бази на податоци коишто се чуваат за корисниците, за секој од нас, онеспособување да се добијат квалитетни и брзи информации. Долгиот период на нападот покажува слаба страна на државата, дека нема план и стратегија како да се справи, вели Кордалов.
„Мораат да ги ангажираат најспособните и најдобрите и луѓе коишто работат Ај-ти но и компании коишто работат ај-ти, бидејќи прашањето за онлајн безбедност е сериозно прашање. Ќе дадам само еден пример, тоа е примерот со банките коишто вработуваат десетици луѓе, меѓутоа ангажираат и многу компании кои се грижат за безбедноста при интернет плаќањата и при другите интернет комуникации и плаќања коишто се случуваат преку онлајн ресурсите, се со цел да имаме непреченост, се со цел да имаме безбедност и пред сè доверба во тој систем“, Бојан Кордалов – Комуниколог.
Онлајн нападите се честа појава, но укажуваат на потребата државите сериозно да се занимаваат со својата сајбер безбедност. Во немоќ да се справи со еден ваков напад, Албанија неодамна побара странска стручна помош.
Катерина Топалова
