Изложба на икони на стакло во Куманово
Во кумановскиот центар за култура несекојдневна изложба-икони насликани на стакло со вметнати фолклорни елементи. Изложените дела посетителите ке може да ги видат до крајот на месецов.
Икони изработени на стакло и при тоа украсени со специфични шари од македонското фолкорно творештво за публиката се поставени во фоајето на кумановскиот центар за култура. Оваа несекојдневна колекција на дела со мотиви од христијанството е работена во специфична техника ,везба на стакло која авторката Ванѓа Радевска ја научила во Романија и ја усовршува веќе десетина години.
„Иконите се проткаени со везбите од носии и прекривки што ги правеле нашите мајки во домаќинството , со цел да не изумрат туку да ги пренесеме на идните генерации“,изјави Ванѓа Радевска.
При изработката на делата овојпат и помагала нејзината внука Теодора Димитровска која како што вели се заинтересирала да ја научи оваа технинка и изработува вакви дела.
„Би сакала да продолжам и да ја зачувам традицијата на ова техника во нашиот град и во државата воопшто, затоа што многу ми се допаѓаат делата што ги работи таа“, вели Теодора Димитровска, внука на уметницата Радевска.
Со оваа техника уметницата Радевска добила награда на фестивалот Ијаши во Романија во 2008-та година.Досега има изработено над 3000 дела на повеќе теми кои биле презентирани на изложби во државата и во странство.
Изложбата содржи 31 икона на стакло, симболично на бројот на буквите во македонската азбука , а за посетителите ќе биде отворена во наредните две недели.
Габриела Димковиќ
