Ветеринарите бараат помал ДДВ за нивните услуги
Државата се откажа од повисоката даночна стапка за ветеринарните лекови, но тешко оди со намалување на данокот за ветеринарните услуги. Барање за кое исто така подолго време се залага ветеринарната комора. Засега само се разговара за можноста оваа услуга да се оданочува со 5 наместо со 18 проценти...

Ветеринарната комора се избори за намалување на данокот на ветеринарните лекови на 5 проценти, но не и за ветеринарните услуги.
Ветеринарите велат дека со намалувањето на даночната стапка само за лековите нема да се постигне целта, освен олеснување на работата на веледрогериите, увозници на лекови и евентуално намалување на притисокот со внесување на нелегални препарати од соседството, кој исто така е реален проблем.
За самите ветеринари и одгледувачи на добиток мерката нема да има ефект, зашто лековите се само средство за третирање на одредени здравствени состојби, по извршениот прегледот на животното, услуга за која останува повисоката даночна стапка.
Конечно, Ветеринарната Комора и Министерството за земјоделство го отворија и ова прашање.
На маса е ставено барањето и на одржаната средба е разговарано за намалување на стапката на ДДВ за ветеринарните прегледи, од 18 на 5 проценти како и за потребата за зголемувањето на цените за контролите на добитокот што се вршат по барање на државата и кои се планира да бидат внесени во нова методологија што ќе почне да се применува од 2023-та.
Методија Трајков
