Прекугранична соработка на Велес и Прилеп со три грчки општини
Две македонски општини и три грчки почнуваат заеднички проект за енергетска ефикасност со пари од ипа фондовите за прекугранична соработка. Од вкупно 800 000 евра, македонските градови ќе користат 285 000 евра.
Велес, Прилеп и три општини од Грција ќе работат на енергетската ефикасност и заштедата на топлинската енергија. Ова е прв заеднички проект за прекугранична соработка преку ИПА фондовите на Европската унија од заштитата на животната средина. Од вкупно 800 000 евра, 285 000 се за македонските општини. Ќе се адаптираат објекти на детска градинка и средно економско училиште
„Ќе бидат искористени за поставување термоизолациони фасади за енергетска ефикасност на пет објекти. Тоа се клоновите на детската градинка „Димче Мирчев“, вели градоначалникот на Велес, Славчо Чадиев
„За економското училиште се наменети 80 000 евра. Тоа значи комплетна термоизолациона фасада, комплетно нова фасада на училиштето, комплетно нова дограма и комплетно препокривање“, вели градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески
Во прилепското училиште со 620 ученици, ова е почеток за темелна реконструкција на старите згради
„Ова подобрување на условите во училиштето значи поголем број ученици“, вели Спасија Нешкоска Цуцулеска, директор на средното економско училиште „Кузман Јосифоски Питу“ од Прилеп
Проектот општините ќе ги направи членки на Европската повелба на градоначалници.
„Проектот ќе опфаќа и еден план за одржлива енергија за општина Прилеп, опфаќа вклучување на општината во Европската повелба на градоначалници кои се залагаат за европските политики за енергетска ефикасност, „Convenant of Mayors“, ќе се отвори едно Енергетско биро“, вели Винета Иваноска од одделението за ЛЕР во Прилеп
Петте општини Велес, Прилеп, Лерин, Ираклија и Висалтија за 15 месеци треба да покажат дека умеат да бидат енергетски ефикасни.
ЕлизабетаМитреска
