Започна ремонтот на Блок 1 на РЕК Битола
Потребите за струја на граѓаните и на малите потрошувачи целосно се задоволуваат преку другите производни капацитети на АД ЕСМ, се вели во дописот.

Почна ремонтот на првиот блок на РЕК Битола. Во следните триесетина дена на постројката ќе бидат извршени неопходните зафати, со цел зголемување на нејзината стабилност во текот на претстојната грејна сезона, информираат од комбинатот.
Заради енергетската криза во која се наоѓаат Македонија и Европа, и заради потребата од континуирано и зголемено производство на електрична енергија, ремонтот на Блок 1 ќе се изведува пократко од вообичаеното.
Потребите за струја на граѓаните и на малите потрошувачи целосно се задоволуваат преку другите производни капацитети на АД ЕСМ, се вели во дописот.
Од денеска во погон е и РЕК Осломеј, а од 22-ри септември почнува со работа и ТЕЦ Неготино. По завршувањето на ремонтот на првиот блок, планирани се ремонтни активности и на вториот, додека третиот блок се очекува да биде ставен во функција на почетокот на ноември.
