На пет кола до крајот на прволигашката фудбалска сезона

Пет тима во шампионски поход

21.04.2014 15:47

На пет кола до крајот на фудбалскиот шампионат на Македонија, математичкиот заплет на врвот најавува реална можност земјава да добие нов првак и навестува извонредно возбудлива завршница на прволигашката конкуренција во којашто никој од првата петорка на врвот на табелата не е без шанси.

Работнички е три чекори пред триото следбеници: Турново, Металург и Пелистер, а уште два зад нив е бранителот на круната Вардар. Во оваа веќе завршна фаза од прволигашката сезона, македонската јавност не памети ваков метеж во борбата за шампионската титула и на позициите коишто носат во Европа. Како никогаш досега секој може да победи секого, но и секој да потклекне пред секого, што уште повеќе го засилува шармот на преостанатите пет рунди.

Распоредот на екипите по вториот круг беше таков што меѓусебните дуели на претендентите за највисок пласман се веќе во полн ек. Бодовите добиени или загубени во нив можат да бидат од пресудно значење. Во таа смисла, огромна важност имаат шесте бода на Металург против Пелистер и против Вардар освоени во претходните две кола. На залетот кон врвот, на екипата од скопска Автокоманда и претстои можеби најголемата пречка, дуелот со лидерот Работнички веќе во наредното коло в среда, којшто ќе биде и своевидна предигра на финалето на Купот закажано за 7-ми мај.

Арената „Филип Втори“ задутре ќе биде мегдан и на новото вечно дерби на македонскиот фудбал. Во новиот судир со Пелистер, ќе се очекува од Вардар, и покрај заостанувањето, да покаже има ли квалитет и оваа пролет да го одбрани приматот од претходните две години. Битолчани, пак, ќе бидат исправени пред предизвикот да докажат дека во оваа турбулентна и неизвесна сезона навистина конечно имаат шампионски капацитет.

28-то првенствено коло ќе ги донесе и натпреварите: Турново-Ренова, Шкендија-Напредок, Брегалница-Гостивар и Еуромилк-Македонија ЃП, а двојната програма од нашиот најголем стадион, в среда во живо и на програмите на Македонската Телевизија.