Политика

За ВМРО-ДПМНЕ Ковачевски е трајно неспособен, тој одговори-само уплашени луѓе злоупотребуваат здравствен предизвик

19.09.2022 12:55

Премиерот Димитар Ковачевски го избегнал служењето воен рок, правдајќи се со лекарско мислење дека е трајно неспособен за служење војска, ВМРО-ДПМНЕ објави документ, извадок од евиденциската книга на Армијата, објавен на социјалните мрежи. Никогаш ниту сум избегнувал ниту бегал од одговорноста за служење на воениот рок, писмено одговори премиерот. Ковачевски додава дека само нечесни и уплашени луѓе злоупотребуваат нечиј здравствен предизвик и последователна хируршка интервенција од пред 20 години за да го прикријат срамот и криминалот…

Премиерот Димитар Ковачевски е трајно неспособен, дали лажел за да избегне војска или имаме неспособен човек за премиер, прашуваат во ВМРО-ДПМНЕ објавувајќи документ извадок од евиденциска книга на АРМ. Опозицискиот пратеник Драган Ковачки вели-или Ковачевски го злоупотребил влијанието на татко му кој тогаш бил градоначалник на Куманово и партиски функционер на СДС и добил лажно лекарско мислење, или тој навистина е трајно неспособен

„Ако лажел да избегне служење војска правејќи се трајно неспособен, тогаш не можеме ниту да претпоставиме за што сè друго би лажел. Доколку пак Ковачевски навистина е трајно неспособен, не знаеме дали таа состојба кај него прогресирала и дали тој е целосно функционален да ги извршува државничките задачи. И во двата случаи, односно и доколку лажел, и доколку е трајно неспособен, Ковачевски како премиер е опасност за државата“, изјави Ковачки.

Само нечесни и уплашени луѓе злоупотребуваат нечиј здравствен предизвик-е пишаниот став на премиерот Димитар Ковачевски. Не е изненаден, како што пишува во соопштението, од лагите, клеветите и манипулациите од ВМРО-ДПМНЕ.

„Никогаш ниту сум избегнувал ниту бегал од одговорноста за служење на воениот рок. Само нечесни и уплашени луѓе злоупотребуваат нечиј здравствен предизвик и последователна хируршка интервенција од пред 20 години за да го прикријат својот срам и криминал“, вели Ковачевски.

И додека премиерот Ковачевски ги посочува скандалите во Град Скопје како потврда дека ВМРО – ДПМНЕ не е реформирана, туку дополнително криминализирана, од опозициската партија, велат, Ковачевски мора да си даде оставка. Македонија не смее да биде водена од премиер кој е или патолошки лажго или е трајно неспособен.

Миле Ристески