Светот се збогува со Кралицата Елизабета Втора
500-ни шефови на држави, премиери и претставници на монархии ја испратија британската кралица до нејзиното вечно почивалиште. На погребната церемонија присуствуваше и претседателот Пендаровски со сопругата. Тишина и почит. Мирно и на небото. За кратко стопирани полетувањата и слетувањата на аеродромот Хитроу. Елизабета Втора ќе биде погребана во капелата Свети Џорџ во Виндзор, покрај нејзиниот сопруг Филип...
Илјадници луѓе се збогуваа со британската Кралица Елизабета Втора. Од Вестминстерската палата, Ковчегот украсен со ројалното знаме беше пренесен од кралската гарда на топовскиот постамент влечен од 98 морнари на патот до Вестминстерската опатија во Лондон.
Ковчегот на британската кралица на патот кон Вестминстерската опатија беше поздравуван од луѓето што дојдоа да ѝ оддат последна почит на кралицата.
„Се обидовме да се приближиме до аголот на Хајд Парк и до Арх Велингтон каде што ќе го пренесат ковчегот во погребната кола“.
„Таа беше нашиот монарх. Таа беше нашата константа. Само сакам да се збогувам со неа. Сакам само да оддадам почит“.
„Бев во војска десет години и само почувствував дека треба да дојдам и да го сторам ова за да се збогувам и да и се заблагодарам за сè што направила“- велат дел од граѓаните.
На комерацијата во Вестминстерската опатија, покрај кралското семејство присуствуваа 2.000 почесни гости од целиот свет. Над стотици државници, претседатели, меѓу кои и претседателот Пендаровски, премиери, британски политичари, сегашни и поранешни британски премиери.
Кулминација на националниот ден на жалост беше двоминутниот молк низ целото Обединето Кралство. По молкот, на крајот на богослужбата во Вестминстерската опатија беше интонирана националната химна со изменет текст на крајот- „Господе, чувај го Кралот“.
По желба на кралицата, на погребната поворка од опатијата до замокот Виндзор, одеа членови на кралското семејство предводени од кралот Чарлс Трети, претставници на 56 држави од комонвелтот и војници од сите делови на Обединетото Кралство. За време на поворката, часовникот Биг Бен чукаше непрестано.
На портата Велингтон кај Хајд Парк, Ковчегот беше префрлен во стаклено мртовечко возило на двочасовното патување преку селски патишта до замокот Виндзор, каде е последното почивалиште на кралицата Елизабета Втора покрај нејзиниот сопруг Филип, нејзините родители и сестрата Маргарет.
Ирина Гелевска
