Ковачевски во ОН: Енергетската криза сериозна закана за образовниот процес
Премиерот Ковачевски учествуваше и говореше на Самитот за трансформација на образованието во рамки на 77-то Генерално Собрание на ООН во Њујорк...

„Енергетската криза со која се соочуваат Северна Македонија, Европа и светот претставува сериозна закана за образовниот процес“, рече премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето на самитот „Трансформација во образованието“ што се одржа во рамките на 77-то Генерално собрание на Обединетите нации. Според него, за да се постигнат долгорочните цели, прво мора да се осигураме дека ќе имаме доволно ресурси за да се обезбедат основните услови за живот и работа како што се топли и добро осветлени училници и топли и добро осветлени домови со цел учениците да имаат непречено квалитетно образование оваа зима. Повика на солидарност за надминување на предизвиците.
„Ова е приоритет број еден денеска утре и во претстојните долги зимски месеци. Одговорот на овие предизвици може да се најде само во заемна меѓународна и меѓурегионална соработка преку солидарноста. Ако сакаме нашите ученици да бидат со добро образование прво мора да им покажеме како ние возрасните заедно може да ги решиме проблемите. Во спротивно ниту еден образовен модел или развојна стратегија нема да направи никаква разлика ниту пак нешто ќе им значи. Знаењето е клучно за предизвиците што ги носи ова време. Вложувајќи заеднички напори како што правиме на овој Самит, работејќи заедно ќе можеме да најдеме решение за се она што стои пред нас и да постигнеме напредок“, нагласи Ковачевски.
Нова наставна програма за прво и за четврто одделение во основното образование, образовни асистенти за поддршка на учениците со попреченост, учебници во електронска и аудио-форма, како и брајово писмо за лицата со атипичен развој-се само дел од реформите што ги наброја премиерот Ковачевски. Освен тоа, рече дека владата е посветена и на подобро високо образование, а тука се напорите за обезбедување еднаков пристап до оброците на младите на универзитетите како и стипендии за најдобрите. Дигитализацијата останува еден од главните предизвици за модерна наобразба.
„Би сакал да ве уверам дека Република Северна Македонија се солидаризира со демократскиот свет и ги поддржува и се приклучува кон заложбите за градење одржлив образовен систем заснован за стандарди со висок квалитет достапен за сите. Веќе со децении во мојата земја се спроведувале различни образовни модели и се воведувале многу промени. Сепак, во согласност со досегашната дискусија на оваа дебата верувам дека со фокусирани спроведувања на Националната стратегија за развој 2022 – 2024 и тековната стратегија за развој 2018 – 2025 ние го поставуваме нашиот образовен систем на вистинскиот пат кон развој“, рече Ковачевски.
Премиерот Ковачевски, во своето обраќање на самитот „Трансформација во образованието“ како исклучително важен го потенцира проектот „Геофилозофија на Балканот“ кој се спроведува за постдипломски студии. Во него учествуваат универзитети од нашата и од балканските земји, како и од Италија и Грција.
Стојан Трпчевски, специјален известувач од Њујорк за МРТ
