Вардар по ново чудо во Германија
Два дена по неуспехот на Металург да се соочи со Кил, и нашиот ракометен првак Вардар е пред бундеслигашко искушение во четвртфиналето на Лигата на шампионите. „Црвено-црните“ од 19 часот вечер ќе му се противстават на Флензбург во натпреварот којшто ќе означи крај на првата половина од оваа последна нокаут-фаза во елитната ракометна конкуренција.

Наоружани со прекрасните спомени од последното гостување во Германија, кога пред неполн месец направија подвиг и го исфрлија ланскиот европски првак Хамбург, вардарци без страв го очекуваат новиот предизвик на континенталната сцена. Дополнително мотивирани со новата титула во СЕХА Лигата, се надеваат на поволен резултат пред реваншот во Скопје претстојниот викенд. Расположението не им го наруши ниту повредата на рамото на Петриќ, по што Душебајев ќе мора да ја одигра во целост улогата на десен бек во системот на шпанскиот стратег Раул Гонзалес. Надвор од стројот поради повреда на коленото уште од Хамбург е и Стоилов.
Ако се суди според меѓународното реноме досега, Флензбург важи за фаворит, иако германските ракометари се свесни дека пласманот на „фајнал-фор“ турнирот во Келн не им е загарантиран однапред. Сензацијата на Вардар против Хамбург се уште одѕвонува во европскиот ракомет, така што на нашиот шампион се гледа со голем респект и со посебен пиетет. Има ли Вардар сила и моќ за ново чудо и за исчекор кон завршниот турнир, ќе покажат уште вечерашните први 60 минути од двомечот.
А со погледите кон Келн, покрај Кил и Веспрем од саботата, од синоќа е и вториот германски тим Рајн Некар, по чудесниот триумф над Барселона од 38-31. Во Манхајм моќната Барса го претрпе најтешкиот пораз последниве две сезони, примајќи рекорден број голови. Во најлошото издание годинава, нашиот Кирил Лазаров беше нејзин убедливо најдобар поединец со 10 гола, од коишто седум од пенали. Тој постигна и единаесетти погодок на мечот, којшто судиите не го признаа бидејќи топката завршила во мрежа по истекот на времето. Во реваншот во „Блауграна“ Барса ќе мора да надомести негатива со каква што не се соочила во поново време и тоа ќе биде вистински тест за нејзиниот годинашен шампионски формат..
