Критична состојбата меѓу Киев и Москва

21.04.2014 16:28

Насилствата во доњецкиот регион продолжија и ноќта. Непознати лица нападнале единица на украинската армија која обезбедувала зграда во Доброполск.

Војниците раниле еден и заробиле двајца од напаѓачите. Во Славјанск е тензично, но мирно и празно поради полицискиот час по велигденското убиство на тројца проруски активисти кое предизвика судир со зборови меѓу Киев и Москва.

„Бев во мртовечницата да ги идентификувам трите тела што полицијата ги откри во реката со знаци на измачување и распорени стомаци“ - Вјачеслав Пономарев, самопрогласен градоначалник на Славјанск

Гласот на Русија соопштува дека властите на самопрогласената Доњецка република дошле до информации дека Киев подготвува „чистење на градот“. Претходно, преодниот украински претседател Турчинов рече дека какви било преговори се подобри од војна.

„Русија не може да прати војска во Доњецкиот регион, тоа е кршење на меѓународното право, но може да изврши економски и политички притисок врз украинската банда и да ја стабилизира ситуацијата на југоистокот“-Олександр, проруски активист

Вечерва во Киев треба да допатува американскиот потпретседател Бајден во обид да го спаси Женевскиот договор. Поранешната украинска премиерка Тимошенко ја откажа планираната посета на САД бидејќи со неа не сакал да се сретне ниеден од конгресмените. Некои дури и сугерирале дека не треба да се кандидира за претседател на изборите за 4 дена.

„Зошто чекаа толку долго пред да почнат да разговараат за неопходните уставни реформи? Зошто го одложуваат процесот?“ - Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија