Силен земјотрес во Мексико на годишнината од претходните два
Пријавени првите жртви од разорниот земјотрес од 7,5 степени по Рихтери што го погоди Мексико. Следувале повеќе од 70 последователни потреси. Ова е трет потрес во земјата што се случува на исти датум. Неполн час откако се огласија сирените низ целата земја како потсетник за жртвите од смртоносните потреси во 85-та и 2017-та година, пристигна новиот. Луѓето сведочат за застрашувачките моменти...

Мексиканското тло не мирува. Повеќе од 70 последователни потреси се регистрирани по синоќешниот разорен земјотрес од 7,5 степени по Рихтер што го погоди централниот брег на Мексико во Тихиот океан. Има загинати и голем број повредени. Нема извештаи за значителни штети, но се регистрирани пукнатини и оштетувања во зградите. Делови од Мексико Сити останаа без струја.
„Според националната сеизмолошка служба, епицентарот бил во Коалкоман, Мичоакан, 59 километри јужно од Колима. Ги собираме информациите. Искрено посакувам да се нема случено ништо посериозно“, изјави претседателот на Мексико, Андрес Мануел Лопез Обрадор.
Земјотресот се случи токму на денот кога земјата одбележуваше годишнина од смртоносните земјотреси во 85-та и 2017-та година. Неполн час откако се огласија сирените низ целата земја во симулација на земјотрес, пристигна новиот.
„Не сум од тука, првпат сум овде и искрено се исплашив. Откако поминав низ симулација и разбрав дека сè е лажно, доживеав вистински земјотрес, само неколку минути подоцна. Застрашувачки“, рече Анхел Моралес, турист во посета на Мексико Сити.
„Штом излеговме од седмиот кат, по скалите почнавме да ја чувствуваме силината на земјотресот што лулаше“, рече Ванеса Торес, жител на Мексико сити.
Мексико граничи со Атлантикот и Пацификот и е еден од сеизмички најактивните региони во светот. Неговата територија се простира на дури пет тектонски плочи. Во земјотресот од 85-та година во Мексико загинаа илјадници луѓе, а повеќе од 350 лица го загубија животот во 2017-та година.
Бојана Крстевски
