Украина

Русија повеќе нема целосна контрола над Луганск

20.09.2022 12:24

Во изминатите денови, украинските полкови на североистокот започнаа контраофанзива, ослободувајќи повеќе од 300 населби низ Харковската област. Киев тврди дека има успех и во регионот Херсон...

Украина тврди дека зазела село во близина на градот Лисичанск, со што Русија повеќе нема целосна контрола над Луганск. Во изминатите денови, украинските полкови на североистокот започнаа контраофанзива, ослободувајќи повеќе од 300 населби низ Харковската област. Киев тврди дека има успех и во регионот Херсон.

„Предупредивме дека руската војска во Украина има само две опции: бегство од нашата земја или заробеништво. Она што е многу важно сега – е темпото. Темпото на стабилизација во ослободените области. Темпото на движење на нашите трупи. Темпото на враќање на нормалниот живот на ослободената територија“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Граѓанската комора на самопрогласената Народна Република Доњецк побара итно да се распише референдум за приклучување кон Русија. Шефот на руската сепаратистичка администрацијата на Доњецк го повика лидерот на Луганск да ги задржат напорите за подготовка на референдум.

„Мислам дека одредени работи треба заеднички да се организираат и одредени активности да се синхронизираат. Предлагам републичките администрации и парламентите ги здружуваат своите напори за да ги елаборираат чекорите за започнување на подготовките за референдуми“, рече Денис Пушилин, шеф на самопрогласената Народна Република Доњецк.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика изјави дека е важно да продолжи притисокот врз руската пропаганда, а членките да продолжат да го бранат суверенитетот, независноста и меѓународното право.

„Не страда само Украина во оваа војна. Украинскиот народ е бомбардиран со проектили и со пиштоли, а останатите од светот се засегнати од зголемувањето на цената на енергијата и храната, несигурноста, економските проблеми. Можеме да кажеме дека војната ги погодува сите на земјата“, изјави Жозеп Борел, еврокомесар за надворешна политика и безбедност.

Во меѓувреме, украинскиот државен нуклеарен оператор ги обвини руските трупи дека извршиле напад врз централата во Николаев. Граната паднала на 300 метри до реакторот. Во март, нуклеарна централа во Запорожје беше окупирана од руските сили. Меѓународната заедница побара демилитаризирање на зоната и враќање под украинска контрола.

Маријана Димовска