Собраниска комисија за избори и именувања

Неизвесно продолжувањето на расправата за кандидатурата на Јовески за уставен судија

20.09.2022 12:34

Неизвесно продолжувањето на Комисијата за избори и именувања, на која се расправа за кандидатурата на Љубомир Јовески за уставен судија. Неколку седници се во тензична атмосфера. ВМРО-ДПМНЕ со долги говори и процедурални забелешки се спротивставува на изборот на актуелниот републички јавен обвинител. Власта, пак, обвинува за свесно опструирање од опозицијата…

Власта и опозицијата продолжуваат со меѓусебните обвинувања за кршење на процедурата и за опструкции на работата на Комисијата за избори и именувања. Според претседателката Георгиевска, опозицијата свесно и намерно го блокира изборот на уставните судии. Нервозното и вулгарно однесување на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, вели е на штета на судскиот систем во државата. Георгиевска категорична дека тоа нема да се дозволи и ќе бидат применети сите демократски механизми, за комплетирање на составот на Уставниот суд, кој патем со месеци работи на раб на кворум.

Самоволие, двојни аршини, кршење на деловникот од претседателката на комисијата, возвратија од ВМРО-ДПМНЕ. Од опозицијата инсистираат да продолжи со говорот нивната колешка Елизабета Стаменковска-Трајковска, бидејќи како што рече Стојаноска, тој не е завршен. Не може да бидат ускратени процедуралните забелешки, ниту да се ограничат говорите.

За дискусија се пријавени уште 20 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ. Партијата е против изборот на актуелниот републички обвинител за уставен судија. Нивните шест предлози не беа прифатени од мнозинството. Досега зелено светло добија Татјана Васиќ-Бозаџиева и Фатмир Скендер. Изборот на тројцата уставни судии кога и да се случи, треба да биде потврден и на пленарна седница.

Милчо Велески