Македонија

Горан Милевски ја депонираше оставката

20.09.2022 12:55

Горан Милевски и официјално ја поднесе оставката од функцијата министер во локална самоуправа. Тврди дека се повлекува од лични причини. Во јавноста се отвораат дилеми, дали со ова ќе има реконструкција на владиниот кабинет. Партиите од власта велат дека нема потреба. За опозицијата тоа не е решение, остануваат на ставот за предвремени парламентарни избори...

Министерот за локална самоуправа, Горан Милевски до Владата ја поднесе оставката. Тој за МТВ ја потврди информацијата и посочи дека се повлекува од лични причини. 

Повлекувањето на Милевски отвори дилеми, дали можеби Ковачевски подготвува мини-реконструкција на Владата. Се споменуваат неколку имиња на министри, Благој Бочварски од Транспорт и врски, Беким Сали од Здравство и Адмирим Алити од Министерството за информатичко општество и администрација, кому наводно му се забележувало за пресметката за балансерот за вработување во администрацијата.

Од СДСМ ваквите информации ги отфрлаат како шпекулации, посочувајќи дека реконструкцијата на Владата не е тема. Од ВМРО-ДПМНЕ пак децидни - единствено решение се предвремени парламентарни избори.

Од „Алтернатива“ се уверени дека нивните министри се сигурни на функциите и нема да бидат сменети.

„Владата функционира нормално и нема причина за никаква реконструкција. Нашите министри Беким Сали и Адмирим Алити се едни од најуспешните, не само на „Алтернатива“, туку и во целата Влада воопшто. Затоа, не гледаме причина за отворањето на вакви непотребни теми“, велат од партијата.

Во ДУИ велат дека досега, ниту се разговарало, ниту гледаат потреба за реконструкција на Владата.

Миле Ристески