Арсовска: Не ме интересира политика
Нема да дозволиме луѓето кои не ги завршуваат своите обврски, кои не доаѓаат на работа, да земаат плата, да го оштетуваат буџетот, вели градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека влегла во коалиција со СДСМ и свесно го загрозила проектот за пречистителна станица…

Не ме интересира политика, времето ќе покажи дали градот ќе трпи – вака скопската градоначалничка Арсовска ги коментира оставките и вербалната војна со ВМРО-ДПМНЕ. Рече дека не се плаши и оти е свесна дека е соочена со машинерија. Најави ревизија на работењето на досегашните директори кои се повлекоа од функциите и најави дека нема да дозволи луѓе кои не доаѓаат на работа да земаат плата. „Сама сум и немам проблем да застанам против сите кога се работи за јавниот интерес“- порача Арсовска.
Од ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека Арсовска повеќе нема никаква врска со нив и ја обвинија дека се здружила со СДСМ.
„Се покажаа вистинските мотиви на Арсовска. Тајните средби со дезертерот Ковачевски и Зечевиќ имаат ефект, тие и ги плаќаат билбордите низ Скопје за политичка пропаганда. Арсовска наместо да работи се занимава со политиканство, одработува затоа што е уценета“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ, пак, бара одговори од Мицкоски за тендерот вреден 136 милиони евра за пречистителната станица.
Негогласувањата меѓу Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ досега резултираа со оставки или разрешувања, кој како ги толкува, на неколку директори на јавни претпријатија во Скопје.
Наташа Гркова- Петрушевска
