Земјоделство

Субвенции преку интервентниот фонд

21.09.2022 09:10

Се подготвува финансиска поддршка за произведено и предадено кравјо, овчо и козјо млеко. Средствата се обезбедени преку интервентниот фонд на Министерството за земјоделство. Досега на овој начин се исплатени субвенции за вештачко ѓубриво, за предадени јагниња, свињи и несилки…

По дополнителните субвенции за зелката и за сливата од интервентниот фонд се најавува и мерка за финансиска поддршка за произведено и предадено кравјо, овчо и козјо млеко.

Досега на овој начин, обезбедена е финансиска поддршка за земјоделците за набавка на вештачко ѓубриво во производството на стратегиските житни култури, како што е пченицата, јачменот, пченката и сончогледот. Поддршката изнесуваше 4.000 денари за купени и употребени минимум 200 килограми вештачки ѓубрива за хектар со пченица и пченка и 2.500 денари за површини засени со јачмен со употребени 200, односно 100 килограми по хектар кај сончогледот. Преку оваа мерка се исплатени 113 милиони денари вкупна поддршка за 6800 земјоделци.

Скоро 220 милиони денари преку интервентниот фонд се искористени и за дополнителни субвенции за 1 800 фармери за предадени јагниња и свињи во регистриран кланичен капацитет, како и во живинарството за одгледување на кокошки несилки.

Целта на оваа помош од државата е со средствата од фондот земјоделците да имаат право на дополнителни субвенции за ублажување на последиците предизвикани од зголемувањето на трошоците за производството и пласманот на земјоделските култури и храна.

Методија Трајков