Путин нареди делумна мобилизација
Рускиот претседател Путин нареди делумна мобилизација во земјата. Западот ги премина сите граници на неговата агресија врз Русија-рече Путин во телевизиското обраќање, наведувајќи дека неговата цел е да го „ослободи“ источно-украинскиот регион Донбас.

Од денеска во Русија делумна мобилизација. Наредбата стигна од претседател Владимир Путин во телевизиското обраќање до нацијата. Го обвини западот дека учествува во нуклеарна уцена против Русија.
„Ќе ги искористиме сите ресурси да го одбраниме нашиот народ. Западот ги премина сите граници на неговата агресија врз Русија. Нагласувам дека се работи за делумна мобилизација. На русите кои се мобилизирани ќе им бидат дадени сите поволности и гаранции. Целта на западот е да ја ослабне, подели и уништи Русија. Западот му даде директна наредба на Киев да ги наруши сите договори со Русија постигнати за време на преговорите. Русија, како и досега, ќе ги спречи сите оние кои се стремат да владеат со светот“, нагласи Путин во обраќањето.
Советникот на украинскиот претседател Зеленски, рече дека чекорот за руската воена мобилизација е апсолутно предвидлив и дека личи на обид да се оправда сопствениот неуспех.
Украинскиот претседател Зеленски изјави дека ставот и целите на Киев остануваат непроменети и покрај најавите за претстојните референдуми во самопрогласените републики Доњецк и Луганск, како и во регионите Керсон и Запорожје. Повика и на поголема поддршка за вооружените сили на Украина.
„Постојат начини на кои многу земји во светот би можеле да и помогнат на Украина, преку муниција што ни е потребна. САД би можеле да имаат политичко влијание врз тие земји. Да, некои луѓе би сакале да останат на страна, но во оваа војна не можете да останете на страна“, изјави Зеленски.
Претставниците на проруските власти во самопрогласените републики изјавија дека од 23 до 27 септември ќе се организира референдум за обединување со Русија. Таквите најави наидоа на осуда кај западот. Претседателот Путин рече дека ќе сторат сè за да се осигураат безбедни услови за време на референдумот.
Марина Ристова
