Култура

Светска премиера на „Кајмак“ на Манчевски во Токио, копродуцент на филмот е МРТ

21.09.2022 13:31

Светска премиера на „Кајмак“, седми филм на најнаградуваниот македонски режисер, Милчо Манчевски. Тој е европска копродукција, поддржан од Агенцијата за филм на Македонија, а копродуцент е и Македонската радио-телевизија. „Кајмак“ е црна комедија или среќна трагедија за две семејства, кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот на филмот, и ја прикажува безмилосната критика на лицемерието на малограѓанштината. Во „Кајмак“ играат познати македонски актери, кои беа дел од екипата и во „Врба“, „Сенки“ и „Пред дождот“ …

На 35-от Меѓународен филмски фестивал во Токио светска премиера на „Кајмак“ – најновото филмско остварување на Милчо Манчевски. Режисерот беше првиот македонски автор кој во 1995-та ги проби границите на македонскиот филм во Азија со „Пред дождот“. Сега повторно се враќа на фестивалот во Токио кој е на А-листата заедно со Берлин, Кан и Венеција и е најголем во Азија. По светската премиера ќе следи и македонска во ноември, а филмот е во копродукција со Македонската телевизија.

„Кајмак“ по сценарио на Манчевски е европска копродукција, поддржан од Агенцијата за филм и од филмските фондови на Данска, Холандија, Хрватска и Бугарија и од паневропскиот фонд Еуримаж. За министерката Костадиновска-Стојческа делата на Манчевски значат афирмација на македонската култура на сите континенти.

На 6-ти јули лани почна снимањето на „Кајмак“, филм за животот на две семејства кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот. Манчевски кој е режисер и сценарист, филмот го опишува како црна комедија или среќна трагедија, безмилосна критика на лицемерието и малограѓанштината.

Над 20 актери играат во филмот, меѓу нив Камка Тоциновски, Сара Климоска, Александар Микиќ, Ана Стојановска, Симона Спировска, Петар Мирчевски.

Викторија Милеска